Владата нема намера да ги одложи уставните измени


 

Работите ќе одат според предвидената динамика и уставните измени нема да се одложат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. „Со формирањето на експертската група и со нивната работа практично ќе започне процесот, кој потоа нормално ќе влезе во процедурите кои се пропишани со закон“, рече Ковачевски за време на посетата на живинарската фарма „Везе Шари“. 

„Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред сѐ, демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, а којшто е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес којшто значи обезбедување на полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски. 

Премиерот не одговори кога точно ќе биде формирана комисијата која ќе работи на уставни измени. Само повтори дека тимот за подготвка на уставните амандмани ќе биде формиран во Министерството за правда, како и дека во него ќе членуваат врвни експерти од областа уставното право и правото и претставници на политичките партии бидејќи, како што кажа, за овој процес е потребен широк политички и општествен консензус.