Владата нема да се рекламира себеси, но за вакцинацијата е неопходна кампањa за подигање на јавната свест


Нема трошење на народните пари од страна на Владата за да се рекламира себеси, но  ќе има потреба да се спроведе кампања за да може да се подигне јавната свест за потребата за вакцинирање против Ковид-19, изјави денеска Марјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации. Зборувајќи во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 Забрчанец нагласи дека „насоката во која што сакаме да ги движиме политиките е јасна, а тоа е здрав комуникациски етер, ние остануваме на нашата определба цврсто дека Владата не треба да ги троши народните пари за да се рекламира себеси и тоа нема никогаш да се случи. Ние нема да се вратиме во состојбата од пред четири години кога милиони евра на годишно ниво беа земани од буџетот, распределувани по медиуми со цел да се спроведуваат кампањи во коишто се величаат ликот и делото на лидерите, институциите итн. Но во време кога вие имате процеси од типот на вакцинација, масовна акција со целото население, има ли друг начин освен преку кампањи за подигање на јавната свест, со сериозни комуникациски напори со сите чинители од општеството да обезбедите вакцинација на населението“, рече Забрчанец, појаснувајќи ја политиката на властите по реакциите  во јавноста за измена во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

„Ако сакаме граѓаните да пријавуваат корупција, мораме да ги поттикнеме да пријавуваат, ако сакаме населението да се вакцинира мораме да спроведеме масовна јавна кампања заради потребата од вакцинација на населението. Ако има промени би биле во оваа насока, исклучиво по меѓународни стандарди, исклучиво по јасни критериуми“, рече Забрчанец.

Тој го образложи ваквиот став по анкетите направени во регионот кои покажуваат дека половина од населението во Северна Македонија се изјаснило дека нема да се вакцинира и дека верува во теории на заговор, а тоа е висок процент кој може да ја наруши ефикасноста на вакцинацијата. „Оттаму, неопходна е камапања за на сите граѓани да им се објасни безбедноста на вакцините и неопходноста од имунизација“, нагласи Забрчанец.

„Започната е иницијатива, веќе има проактивност од Министерството за правда, течат и консултации со медиумските здруженија, ги повика министерот Маричиќ новинарите претставени преку нивните здруженија, синдикатите,  Според него, новинарите и новинарските здруженија активно да се вклучат заедно со Министерството за правда за измена на кривичниот закон, со цел заштита на новинарите односно запирање на неказнивоста кога е во прашање нападот врз новинари. „Поентата е казните да бидат построги кога е во прашање напад врз новинар“, вели Забрчанец. Тој уште нагласи дека Владата ги повикува обвинителствата да постапуваат. „Ние ќе застанеме со сите наши капацитети во одбрана на интегритетот на новинарите. Ова општество може да оди напред како што оди напред во овие три години исклучиво доколку имаме новинари ослободени од притисоци, особено од центри на моќ“, заклучи Забрчанец.