Владата не сака да се спогодува со ексфункционерите обвинети од СЈО


Владата нема намера да се спогодува со ексфункционерите обвинети во предметите на СЈО, а кои поднесоа апликации против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур повикувајќи се на аболицијата од бившиот претседател Ѓорге Иванов. Нивните апликации пред меѓународниот суд се во почетна фаза, односно во фаза кога државата добива известување од Стразбур и треба да даде одговор околу можноста за евентуално спогодување. Рокот Владата да испрати одговор истекува на 18 декември, а Владата на денешната седница одлучила да ја отфрли можноста за спогодба.

„Владата го задолжи владиниот агент во предвидениот рок да го извести судот во Стразбур дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата. Проектот ’Вистината за Македонија‘ беше оној кој иницираше силни политички, општествени и правни промени во државата. Затоа е потребно граѓаните да имаат прилика и во правна смисла на зборот да ја дознаат вистина и сите кои сториле криминал или ги прекршиле законите да одговраат за тие дела“,соопшти министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Тој вели дека Владата не сака да прејудицира дали обвинетите се виновни или не, но ќе направи се за може преку соодветна постапка да се докаже едното или другото.