Владата не сака да наседнува на провокациите на Каракачанов

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја отфрли можноста Владата официјално да реагира на изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој се закани дека со инжинерски полк ќе дојде во Македонија и ќе ги урива спомениците на кои пишува бугарски окупатор. Според Османи, ние не треба да бидеме дел од овој предизборен дискурс во Бугарија кој има за цел нашите реакции да ги употреби потоа во своја корист во предизборната кампања. Според него тоа не е во интерес на Македонија.

-Не мислам дека ова ниту нам ни служи, ниту им служи на меѓусоседските односи и она што сакаме да го постигнеме заедно како две земји, изјави Османи.

Изјавата на Каракачанов беше шокантна бидејќи доаѓа од министер за одбрана на земја сојузничка во Алијансата и генерално е реторика со која не се служи никој во НАТО. Изјавата на Каракачанов беше осудена од многу јавни личности, од министерката за одбрана и  од портпаролот на Владата, но официјална реакција до бугарската влада нема.