Владата не размислува за забрана за реекспорт на нафта ниту за ограничувања за точење бензин и дизел за странци
Владата не размислува за забрана за реекспорт на нафта од нашата земја, ниту за ограничувања за точење бензин и дизел за странски дрѓавјани, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека нашата земја била пример во регионот според начинот на кој што се справува со енергетската криза. Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на објектот на Универзалната сала во Скопје, Мицкоски рече дека очекува дополнително намалување на цената на дериватите.
„Со мерките кои што досега ги аплициравме успеавме да ја држиме цената ниска, убедливо најниска во регионот, се уште имаме зголемен притисок на побарувачка од страна на граѓани од соседните земји. Се уште со керозин снабдуваме неколку од регионалните аеродроми и не размислуваме како Влада да воведеме забрана за извоз или реекспорт на нафта и нафтени деривати и не размислуваме како Влада да ги ограничиме нашите бензински пумпи да точат гориво само на автомобили и друг тип на друмски возила со македонски регистерски таблички. Напротив сакаме да покажеме солидарност кон регионот, но и да покажеме дека Македонија е фактор на стабилност во регионот“, изјави премиерот Мицкоски.
Според калкулациите на Владата, се очекува денеска дизелот да се продава поевтино на бензинските пумпи, и тоа за два до два и пол денари, а за цената на бенизните се очекува мало зголемување, посочи Мицкоски.
„Ова е увезена криза поради геополитичките случувања. Ние сме една од ретките држави, која што направи ваква робусна мерка, веднаш и со тоа успеа да го задржи нивото на едни пристојни граници. Според нашите калкулации, јас очекувам дека денеска повторно дизелото ќе поевтини, од прилика за два до два и пол денари, бидејќи минатата недела просекот беше таков“, изјави Мицкоски.
Очекува мало зголемување на бензините, но како што рече „тука ДДВ ни е 10% и оваа недела останува на 10%“. Премиерот Мицкоски најави дека кон крајот на неделата ќе ги прават математиките и ќе носат одлуки како понатаму.
„Останува во функција до крајот на април со ОКТА. Така што апсолутно како Влада овие два месеци се бориме жилаво и успеавме да не дозволиме, како многу пати во минатото да бидеме на дното, туку напротив да бидеме на врвот, според процентот на мерки од нашиот БДП. Од друга страна да немаме ценовни шокови и инфлации со двоцифрен број проценти, како што тоа впрочем беше во 2022 година, имајќи во предвид дека оваа енергетска криза е поголема од сите три претходни енергетски кризи, таа од 2022 и од седумдесетите години заедно. Мислам дека како Влада која две години жилаво се бори да ги исправи грешките правени со децении успеавме во еден конструктивен, офанзивен пристап да задржиме цена на стабилност“, рече Мицкоски.
Прашан дали ќе продолжи договорот со ОКТА, Мицкоски го повтори одговорот дека со ОКТА ќе разговараат оваа недела.
„Се уште не сме ја отвориле темата, но ќе разговараме оваа недела, ќе разговараме и со министерската за енергетика и се разбира во рамките на можностите ќе направиме се за да продолжи тој попуст“, рече Мицкоски.
Што се однесува за анализите за времетраењето на нафтената криза кои ги објавуваат странските весници и експерти, Мицкоски е на став дека тоа се анализи на голем број шпекулации, полуинформации, некогаш и дезинформации и како што рече „во моментов она што јас можам да го кажам е дека никој нема правилна информација, освен неколкумина во светот“.
„И тие неколкумина во светот практично одлучуваат дали крај на оваа криза ќе и стават денес, за еден месец, за една година или оваа криза ќе остане по инерција да функционира. Така што убави се овие анализи, тие анализи ги следиме внимателно, лично ги следам. Но, повторно ќе кажам, иднината на светот е во рацете на неколкумина луѓе“, изјави Мицкоски.