Владата не побара продолжување на вонредната состојба


Фото: Б. Грданоски

Владата на седницата одржана вечерва донесе повеќе одлуки, но во соопштението нема информација дека се расправало и за да се предложи продложување на вонредната состојба, која завршува вечерва на полноќ.

Од владината прес-служба информираат дека во рамки на 66-тата седница донесен е Протокол за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Македонија, одобрени барањата на 476 компании со барања за поддршка во висина од 316 милиони денари, донесени уредбите за поддршка на учениците и студентите за дигитални вештини, за сместување и за студирање, и за училишен прибор.

На седницата Владата донесе измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта за време на вонредна состојба, со кои, по претходна согласност од Светска банка, се овозможува преостанатите средства до 37 милиони евра од овој заем да се пренаменат за исплата на плати на работниците за месец јуни 2020 година, согласно мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари.

На денешната седница Владата ја разгледа информацијата и ја утврди потребата од проверка на веродостојноста на дадените податоци до Генералниот секретаријат на Владата, согласно Уредбата за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.