Владата не може да истрпи ни професионалци во дипломатијата, го менува законот за да ги враќа
Со новиот Закон за надворешни работи што се предлага, апетитите на Владата растат и сѐ повеќе се навлегува и во ингеренциите на претседателката на државата
Иако поминаа два месеци откако министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави враќање на девет амбасадори затоа што не реферирале пред Комисијата за надворешни работи во Собранието, амбасадорите сѐ уште се таму каде што беа, а првиот дипломат не дава јасен одговор што натаму.
Откако во Собранието на 25 декември беше усвоено автентично толкување на два члена од актуелниот Закон за надворешни работи, во кое стои текст по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ што не кореспондира воопшто со одредбата, сѐ уште се тактизира со одлуката за враќање на деветте амбасадори, од кои најголемиот број се професионалци од МНР со долг стаж во оваа институција и со изграден углед.
Во пресрет на оваа институционална срамота, која потврдува дека и новата влада сака да ја партизира целосно дипломатијата и не може да истрпи ниту професионалци на оваа функција, кочењето може да значи дека има притисок од некаде да престане ваквата практика или, пак, се прават калкулации каква штета може да предизвика оваа одлука.
Имено, иако Владата може да се повика на автентичното толкување, според кое постапката за именување на амбасадор завршува дури кога кандидатите ќе реферираат и пред Комисијата за надворешна политика во Собранието, и најголем лаик ако го прочита законот ќе сфати – дека таквата обврска законски не е задолжителна и дека на меѓународен суд сите тие вратени амбасадори можат да добијат штета од државата.
Настрана од тоа, држи и фактот дека повеќето од нив не ни барале да одат во странство туку се избор на МНР и дека да бидат амбасадори им е професија, а дали ќе се обратат пред Комисијата или не – не е нивна одлука, бидејќи се жртви на политичките игри на партиите кои траат веќе трета деценија. И, што е најголем парадокс, колку и да сакаа да се обратат пред пратениците беа спречени токму од ВМРО-ДПМНЕ која ги блокираше седниците на Комисијата за надворешна политика кога вакви презентации беа ставани на дневен ред. Практично тие што ги спречија амбасадорите да ја завршат процедурата сега најавуваат дека ќе ги казнуваат затоа што не ја испочитувале, иако законот не ја ни предвидува како задолжителна.
Дека е така, се гледа и од Предлог-законот за надворешни работи што од ноември е во процедура за усвојување во Собранието и во кој, меѓудругото, се додава како задолжителна обврска обраќањето на амбасадорите во Комисијата за надворешна политика, што ако веќе била – немало да има потреба да се допишува. Бидејќи законот не може да важи ретроактивно, а автентичното толкување што си го напиша и усвои самото ВМРО-ДПМНЕ не кореспондира со тоа што стои во законот, предвременото враќање на амбасадорите ќе биде сериозен политички скандал што не може да се оправда во јавноста.
Освен срамот што ќе мора да го преживеат сите овие дипломати кога ќе објаснуваат во земјите каде што престојуваат зошто ги враќаат и фактот дека со самата најава веќе им се врзуваат рацете, МНР ќе троши и дополнителни сретства за да им ги плати трошоците за враќање, плус дополнителни сретства за да ги плати трошоците на тие што ќе заминат да ги заменат, или попросто кажано – ќе се расфрла со народни пари.
Ако се погледне новиот Закон за надворешни работи што се предлага, јасно е дека апетитите на Владата растат и дека освен што се влечат потези на штета на амбасадорите што не ги сакаат, сѐ повеќе се навлегува и во ингеренциите на претседателката на државата која, ако продолжи оваа тенденција, ќе ја претворат во англиска кралица. Па, така со автентично толкување Владата си дава повеќе права околу отповикувањето на амбасадорите со една чудна реченица што може да се толкува на сто начина – дека тоа е „одвоена постапка“ од таа што ја покренува шефот на државата.
Досега токму ексклузивните права на претседателот беа единствена рампа за вакви самоволија во дипломатијата, особено кога власта беше од една партија а претседателот од друга. Исто така, во иднина, со новиот закон, министерот исто како и претседателката ќе може да праќа свои специјални пратеници, што значи дека ќе се отвори голем простор за креирање нови функции на партиски членови. ВМРО-ДПМНЕ не би било тоа што е ако не ги зголеми и платите на кандидатите што ги подготвува за странство, корегирајќи го коефициентот нагоре – од сегашниот 2.80 до 4.70 до новиот 3 до 4.90.
Она што е најинтересно околу овие промени во најава е дека кадрите на ДУИ не се меѓу тие што ги враќаат во земјата, па така професионалниот дипломат амбасадор во Брисел е на список, а изборот на Бујар Османи во амбасадата во ЕУ – не е.
Колку многу е фокусирана ВМРО-ДПМНЕ на враќање и на испраќање амбасадори се гледа и од дополнувањето на законот според кое по досега утврдените 60 дена за повикување на консултации се остава простор уште за дополнителни 90 дена консултации – додека не заврши постапка за нов амбасадор. Што значи дека пет месеци ќе држат амбасадор со статус ни ваму ни таму во државава и ќе го плаќаат со народни пари.
Инаку, без собраниски филтер како амбасадори беа испратени Мето Белевски во Брисел, Катерина Ставревска во Лондон, Џенк Сејфула во Стокхолм, Пајо Авировиќ во ОБСЕ, Емил Крстески во Прага, Јакуп Реџепи во Сараево, Агнеза Руси во Софија, Зеќир Рамчиловиќ во Подгорица и Андреј Жерновски во Букурешт, кој е веќе повикан на консултации по друга основа). (С.Ј.)