Како успеја Бугарија прва да ни вети вакцини за короната?

Додека во Србија од вчера пристигнаа вакцини, во Македонија се уште не се знае кога ќе стигнат и колку, од Бугарија или од другите механизми, како донација, како помош или како купени со наши пари.

И портпаролот на Владата, Димче Арсовски, на денешната прес конференција не даде  деталји околу прашањето што ја запали јавноста, особено откако Бугарија прва истрча да ни вети помош.    

-Македонија не чека само на донации туку навреме ги направи сите потребни чекори и процедури, алоцираше сретства и  почна директни преовори. Се користат сите инструменти, вклучувајќи го и Ковакс механизмот,кој беше прв на располагање. Веќе се обезбедени 833. 000 вакцини и согласно планот вакцините се очекуваат во првите месеци на 2021 година, рече Арсовски. 

На забелешката зошто дури сега се прави измена на Законот за јавни набавки за да се набават директно вакцини, тој  тврдеше  дека навреме се почнати сите процедури, дека покрај обезбедените над 800.000 вакцини, во тек се и директни преговори и предвиден е и трет механизам за обезбедување вакцини преку ЕУ со 100 милиони дози за земјите надвор од Унијата, за кои дополнително аплицира земјата. Дел од првата пратка за Грција, според него,  ќе биде наменет за нашите граѓани, а прецизен одговор кога најави за идната недела.  Според него, тоа е прашање што допрва ќе биде одговорено, а планот е дел од пратката што ќе стигне во Бугарија да и биде донирана на Македонија.

Како се случи првите вакцини да стигнат (ако стигнат) од Бугарија која ги користи ваквите механизми како аргументи дека има добри намери кога ја блокира земјата, портпаролот не објасни. Според она што се дознава неофицијално, постојат три механизми преку кои може да се обезбедат вакцини во земјата – преку КОВАКС системот на СЗО ( кои ќе дојдат на средината на идната година), преку директни купувања од производителите или преку ЕУ, но преку соработка со земјите членки, а не од Брисел. ЕУ и земјите членки договориле приоритетно снабдување со вакцини, а земјите од Западниот Балкан имаат можност да договорат билатерално  со некоја од нив врз принцип на солидарност да добијат дел од испораките. Според договореното, Македонија тие вакцини треба да си ги плати самата, од свои пари или од тие што ќе ги добие од ЕУ , освен ако земјата со која се договара не реши да и ги донира бесплатно. Со оглед на фалбите за бугарската донација, веројатно Софија решила вакцините да ги плати за нас, а нашата Влада прифатила. 

Неофицијално секоја земја од регионот сама решава со кого во ЕУ ќе се договара за ваква солидарна помош, а Македонија очигледно ги избрала Грција и Полска, а дали самата ја избрала Бугарија или таа се истрчала со понудата, се уште не е јасно. Реално, Владата можела да побара помош од било која земја.

Според она што знае, Македонија има потпишан договор засега само со Бугарија, додека тој треба да се официјализира дополнително со другите две земји, при што Владата добила совет да побрза со потпишувањето на ваквите договори. Во ЕУ патем се сомневаат дека Србија на ваков начин добила вакцини, но не знаат точно која земја им го овозможила тоа од солидарниот фонд. 

Инаку, ЕУ одвоила 70 милиони евра за овој процес од кои 8 милиони ќе и бидат дадени на Македонија, а тие може да се употребат целосно за купување на вакцини или 15 отсто од нив да се одвојат и за процесот на вакцинирање. Инаку, вакцината на Фајзер чини 20 долари, таа на Модерна од 10 до 50 долари во зависност од големината на набавката, а на АстраЗанека е најевтина – само 4 долари, но ќе дојде најдоцна.