Владата најостро го осуди нападот врз новинарите синоќа во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Владата на Република Северна Македонија најостро го осуди нападот врз новинарите што минатата ноќ се случил во Скопје.

Како што соопшти МВР, новинарите Љупчо Цветановски и Дејан Андоновиќ, синоќа биле нападнати од група лица на возраст од околу 20 години. Полицијата се уште работи на расчистување на настанот, а во меѓувреме Владата излезе со соопштение во кое најостро ги осуди овие напади, за кои истакна дека се неприфатливи и недозволиви.

Поаѓајќи од својот деклариран став за нула толеранција за какви било напади,
закани, уцени или притисоци, Владата на Северна Македонија укажува дека
секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, треба да
биде најостро осуден и санкциониран, и во таа насока ги повикува
институциите итно да ги преземат сите неопходни мерки да се откријат и казнат
сторителите, стои во соопштението на Владата и додава:

Во оваа прилика, покрај она што го прави Владата во врска со обезбедувањето
на демократските услови за почитување на слободите, уште еднаш апелираме
и сите останати засегнати, обвинителството и судовите, како и организациите
од граѓанскиот сектор, да алармираат и постапуваат за секој напад или закана
против медиумските работници.

Владата на Северна Македонија, како и досега, ќе се залага сите регистрирани
попречувања на работата и напади врз новинарите и медиумските работници
да бидат институционално расчистени.