Владата сака да гради дата центар за 40 милиони евра, иако веќе таков има во Прилеп

Портапролката Марија Митева не знаеше дека таков софистициран центар лани беше пуштен во работа. Беше изграден со европски пари за 11 милиони евра


Дата центарот во Прилеп е сеф за сите податоци од државата

 

Портпаролката на Владата, Марија Митева, денеска на прес-конференција најави дека во 2025 година е предвидена е изградба на современ примарен податочен дата центар во Скопје, каде сите органи на државната управа ќе ја колоцираат својата опрема. Таа немаше одговор на новинарско прашање што е со супермодерниот дата центар кој веќе функционира во Прилеп и дали новиот проект на Владата значи поклопување, односно дуплирање со него, или станува збор за нешто сосема друго. Таа мислеше дека изградбата на таквиот центар е закочена, а очигледно немаше идеја, ниту информирана, дека центарот во Прилеп веќе функционира.

„Жалиме што за многу проекти кои што беа најавувани немавме степен на реализација. Затоа како влада нашиот фокус е да направиме навистина сериозен проект преку изградба на нова физибилити студија којашто ќе формира еден дата центар за вакви состојби. Во однос на проектот којшто го споменавте во Прилеп, дозволете ми да ги проверам информациите од Министерството за дигитализација во која фаза е, до кој степен е застаната работата и зошто немаме степен на реализација и за истото доколку е потребно ќе ве информирам дополнително“, одговори Митева.

„Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет“, истакна Митева.

Очекувана вкупна сума на проектот, според Митева, е до 40 милиони евра, а со Буџетот за 2025 година предвидени се два милиони евра за изработка на физибилити студија и утврдување на локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Портпаролката на владата, Марија Митева, изгледа дека не знаеше оти таков дата центар во Македонија веќе иман (Фото: Б. Грданоски)

Таа очигледно не знаеше дека многу софистициран објект за ваква намена веќе има во Прилеп. Дека местото за неговата изградба е внимателно избрано, да биде во центарот на државата и подалеку од сите можни надворешни влијанија. Митева веројатно мислеше дека таков објект се гради, па дури и ќе проверува „до каде е застаната работата“, а тој е веќе пуштен во употреба. А неговата изградба чинеше четири пати помалку од она што сака да го гради оваа влада – 11 милиони евра. А парите беа европски, од ИПА фондовите.

Постојниот Центар за чување и заштита на податоци и закрепнување од катастрофи во Прилеп лани беше промовиран како ИКТ центар кој е од витално значење за државата бидејќи со неговото основање и оформување како целина се обезбедува долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на домашниот безбедносен систем.

Тој е современ, софистициран објект, кој е со сите потребни нивоа на заштита и кој може да обезбеди услуги не само за МВР туку и за другите државни институции.

Вкупната инвестиција од 11 милиони евра беше со средства обезбедени преку ИПА-програмата и со буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект со најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ-центар прв од ваков вид во регионот изграден за потребите на државата.

Митева, пак, денеска рече дека со новиот проект на Министерството за дигитализација државата ќе потроши 40 милиони евра, но ќе остварела значителни заштеди за колокациски услуги.

„Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација“, изјави Митева. 

Со Буџетот за 2025 година предвидени се два милиони евра за изработка на физибилити студија и утврдување на локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Обезбедени се и 40 милиони денари во Буџетот и преку останати проектни фондови. Митева најави дека Владата ќе работи на дигитализација на најупотребуваните јавни услуги за граѓаните и компаниите – електронско испраќање барања и добивање на потребните документи преку компјутер или паметен телефон. 

„Се дигитализира добивањето државјанство во МВР, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот на uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги“, изјави Митева.

Преку проектот во вредност од 60 милиони денари ќе се работи и на системско поврзување на институциите за споделување на документи. Засега само 20 институции користат заеднички систем за електронско работење, а со проектот тој број ќе се зголеми за најмалку 10. 

Митева на прес-конференцијата рече дека вкупниот проектен буџет за информациски и комуникациски проекти на Министерството за дигитална трансформација за 2025 година е поголем за 200 проценти, споредено со претходните години – од 154 милиони денари во 2023, 182 милиони денари во 2024, на 365 милиони денари во 2025 година, како и дека за само неколку месеци по преземањето на власта предвиделе нови 80 електронски услуги, зголемена поврзаност на институциите и фокус на сајбер безбедноста.

„Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет“, истакна Митева. Сепак, таа очигледно не беше доволно информирана за објектот кој веќе постои во Прилеп.

Футуристичкиот изглед на дата центарот во Прилеп

Со ИКТ-центарот во Прилеп се обезбедува трајна инвестиција за зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Повеќе за ИКТ центарот во Прилеп на следниот ЛИНК. (Н.В.)

На истата тема:

 

Чувар на најважните податоци во државата: Вака изгледа ИКТ Центарот во Прилеп (фото)