Владата најавува еколошки даноци во Ребалансот на буџетот – ќе придонеле за помало загадување

Владата најави воведување нови еколошки даноци чија цел е да се намали загадувањето. Оваа новина е дел од предложениот Ребаланс на буџетот за 2021 година кој е доставен до пратениците во Собранието и од вчера е достапен и на интернет страницата на парламентот.
За новата давачка се зборува во образложението на Ребалансот на буџетот, каде што меѓу другото се вели дека во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,7 отсто и се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет.
„Главни приоритети во областа на даночниот систем се праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност во наплатата на приходите, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите кои ги даваат институциите на даночниот систем, на начин кој ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар преку повеќе дигитални услуги, како и воведување еколошко (зелено) оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници преку јавните давачки да придонесат за помало загадување“, стои во образложението на Ребалансот.
Дали под ваквото оданочување се подразбира и такса од 4 денари за литар дизел гориво, засега не е јасно, бидејќи во документот доставен до пратениците нема поконкретни информации.
Воведување на ваква давачка деновиве беше најавено од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која ја обвини Владата дека се воведува нов данок при увоз на дизел гориво, со што дизелот трајно ќе поскапи за 4 денари.
„Со Ребалансот на буџетот Заев предлага воведување на нова давачка, нов данок, надомест при увоз и производство на дизел гориво од 4 денари по литро. Со овој нов данок дизел горивата трајно ќе поскапат за 4 денари“, соопштија од во партијата.
Според нив од ваквата мерка се планира за половина година да соберат речиси 27 милиони евра, односно околу 54 милиони евра за една година, а тоа најмногу ќе ги погоди земјоделците, транспортерите и граѓаните.
Минатата недела на прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими одговарајќи на новинарски прашања рече дека Владата се уште нема донесено одлука за воведување еколошка такса за дизел горивата, но потврди дека се прават сеопфатни анализи во однос на владината еколошката агенда за зелена транзиција и инвестирање во обновливи извори на енергија и создавање на еколошки фонд за зелен развој.
„Не станува збор за зголемување акцизи, туку за еколошки такси меѓу кои се размислува и за нафтените деривати, за кои се уште нема одлука на Владата“, рече Бесими.
Тој додаде дека откако ќе се завршат сите анализи, ќе се дискутира со сите чинители вклучувајќи ги и стопанските комори. Бесими не посочи колку пари во Буџетот се очекуваат по оваа основа.
Инаку, во Предлог- ребалансот на буџетот доставен до Собранието се предвидува зголемување на приливите од сите даноци, како и раст кај неданочните приходи од што треба да се наплатат 243 милиони евра, за 21 милион евра повеќе од се уште важечкиот Буџет за годинава. Вкупниот прилив од даночни приоди е за 96 милиони евра повеќе од првично планираното за годинава.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари, односно околу 3,6 милијарди евра и истите се за околу 10 милијарди денари (162,6 милиони ера) или за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
„Проекциите за приходите се базираат на: реализацијата на приходите во тековната година, очекувањата за економските остварувања во 2021 година, одредени измени во даночната сфера, поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси“, се вели во образложението.
Она што сигурно ќе предизвика многу поголема дебата се расходите кои со Ребалансот на буџетот се предвидува да изнесуваат рекордни 268,8 милијарди денари (4,37 милијарди евра), или за 8,6 отсто, односно за околу 21,3 милијарди денари (346,34 милиони евра) повисоки во однос на планот.
„Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП“, е вели во образложението на Владата.
Од Владата оценуваат дека ребалансот е поддршка за стабилна и развојна економија и насочен е кон тоа да се катализираат позитивните движења во економијата. Приоритетите ќе бидат насочени кон надминување на последиците од кризата преку зголемување на инвестициите и поддршка на компаниите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека главниот фокус и на овој ребаланс нема да биде индустријата и реалниот сектор, како и дека секое семејство ќе биде задолжено со нови 400 евра. Од таму најавија дека ќе се спротивстават на предложениот Ребаланс на буџетот и преку конкретни амандмани ќе настојуваат да креираат „продуктивен ребаланс, што ќе биде во интерес на граѓаните и компаниите“. (М.Ј.)