Владата на Мицкоски е прокси играч на Русија, обвинува ДУИ


 

Опозициската ДУИ денеска ја обвини владата на премиерот Христијан Мицкоски дека работи за интересите на Русија, го саботира европскиот пат, ја уништила економијата и ја одржува групацијата „Влен“ заробена преку принуда и кривична изложеност на нејзините лидери.

Ветувањата за „плата од 1.000 евра“ и „рекордни инвестиции“ се претворија во минимална потрошувачка кошница од 68.797 денари месечно, плата која не ги покрива ни основните потреби, и пад од 61% на странските директни инвестиции— само 468 милиони евра, еден од најлошите резултати во цел Балкан, велат од ДУИ.

Од партијата нагласуваат во соопштение дека и покрај тоа што 70 отсто од граѓаните се за членството во ЕУ, европскиот пат останува блокиран „не само поради надворешни вета, туку поради активното одбивање на оваа влада да ги почитува постигнатите договори.

Албанија напредува. Црна Гора, Молдавија и Украина имаат јасни хоризонти.
Северна Македонија стои осамена, без преговори, без перспектива.

Со оддалечувањето на Унгарија од московската орбита, Мицкоски и Вучиќ останаа последните активни руски прокси играчи во регионот што се гледа секојдневно во реториката, одлуките и сојузниците на Скопје.

И групацијата ‘Влен’, која требаше да ги претставува Албанците во власта, нема слобода да каже не“, велат од ДУИ.