Владата на Јанша на стаклени нозе, партијата на пензионерите најави излегување од коалицијата

Само два дена откако беше повторно избран за претседател на ДеСУС Карл Ерјавец најави излегување од владата на Јанез Јанша

Извршниот комитет на партијата на пензионерите ДеСУС му предложил на партискиот совет да ја напушти коалицијата на премиерот Јанез Јанша, пренесува словенечката агенција СТА.Тој исто така им предложил на неговите членови да го поддржат Карл Ерјавец за мандатар. Оваа одлука следи само два дена откако Ерјавец беше повторно избран за претседател на ДеСУС. Тој ја замени Александра Пивец од која загуби на конгресот на партијата во јануари 2020 година. Пивец потоа направи коалициски договор со Јанша за формирање нова влада и беше урнат кабинетот на Марјан Шарец во кој учествуваше партијата на пензионерите. Пивец беше вицепремиерка до октомври 2020.

На денешниот состанок се очекува дека највисокото партиско тело ќе разговара за позицијата на партијата во коалицијата на Јанез Јанша. Како што објасни Ерјавец, тие денеска ќе разговараат и за иницијативата за исклучување на пратеникот Роберт Полнар од партијата.

Ерјавец нема никаков интерес ДеСУС да остане во владата на Јанша која дојде на власт во март оваа година. Тој е за формирање на нова влада во која се поканети опозициските ЛМШ, Левица, СД и САБ на поранешната премиерка Аленка Братушек. Четирите партии се вклучени во коалицијата КУЛ.

Ерјавец вели дека членството на ДеСУС е незадоволно од учеството во владата поради идеолошки прашања, нападите врз медиумите, блиските односи на Словенија со Унгарија и Полска и начинот на кој кабинетот на Јанша се справува со пандемијата на короната и драматичниот пораст на бројот на починати. Ерјавец во претходните влади беше и министер за одбрана и министер за надворешни работи.

Но однесувањето на пратениците во ДеСУС сè уште е нејасно. Имено, не е исклучено кога Десус ќе ја напушти коалицијата, тие да се определат за независен пат или да не ја почитуваат одлуката на органите на партијата. Пратениците постојано посочуваат дека се вознемирени од некои потези на премиеротјанша кои ја вознемирија јавноста, но и дека се задоволни од исполнувањето на договорот за коалиција и барањата на ДеСУС.

Претходниот премиер и лидер на ЛМШ, Марјан Шарец, денеска твитна дека предвремени избори не се во интерес на партијата затоа што тоа би значело оти владата на Јанша би можела да остане уште половина година.Тој дополни дека ЛМШ ќе го поддржи и новиот кандидат за премиер и новото владино мнозинство. (Н.В.)