Владата ќе ѝ понуди на опозицијата да ги формулира амандманите за уставните измени


 

Владата го подготвува списокот на имињата на експертите кои ќе ги покани во експертската група за уставните измени. Во исто време ќе испрати и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на Телма. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде дека Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.

„Мене ми е жал што опозицијата не се вклучува во делот за реформите, кога не сакаат за уставните измени. Треба да изградиме став по некои прашања кои ќе ни бидат реформска задача во следните седум години, без разлика кој е власт или опозиција“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека нема да има изненадувања во експертската група која ќе ги подготвува амандманите за уставните измени и дека секој е важен и треба да биде вклучен во процесот.