Владата ќе заседава и денеска. Ќе се пополнуваат ли директорски места ?


Нова седница на владата е закажана за денеска попладне, според информации од „Илинденска“. Седницата не е вообичаен термин, со оглед на тоа што владата вообичаено заседава во вторник, така што вчера се одржа 146.седница на која меѓу другото беше усвоен и новиот предлог-закон за јавното обвинителство.

Нема засега информација што е на дневен ред на денешната седница. Соговорници од „Илинденска“ велат дека се очекува денеска да донесат одлуки за пополнување на дел од функционерските места што беа опфатени со минатонеделните кадровски промени во третиот ешалон на власта. Тогаш беа разрешени близу 70 носители на функции, од кои дел од владата, а за другите беше даена препорака за разрешување до управните органи на државните претпријатија или институции. Минатата недела единствено имаше одлука за пополнување на испразнетото директорско место во МЕПСО. Не е исклучено на денмешната седница да се отворат и други теми, со оглед на најавата што премиерот Зоран Заев ја даде предмалку дека се подготвува акциски план за справување со лажните вести.