Владата ќе се откаже од оданочување на капитални добивки?


Фото: Б. Грданоски

Постои можност Владата да се откаже од најавеното оданочување на капиталните добивки на граѓаните. Веста ја навести вицепремиерот Кочо Анѓушев, а ја потврди министерката за финансии Нина Ангеловска. Станува збор за дивиденди, приходи по основ на кирии и  добивки од игри на среќа. Од власта се најавуваше дека од 2020 година прогресивно ќе почнат да се оданочуваат капиталните добивки со стапка од 15 проценти.

Постои волја за одложување на примената за оданочување на капиталните добивки и каматата на депозити. Се прават анализи за тоа и ќе се донесе одлука, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

– Министерството за финансии ги разгледува иницијативите кои се покренати од Македонската берза и од Комисијата за хартии од вредност кои се во насока на поддршка на пазарот на капитал. Барањето е да се одложи примената на персоналниот данок на доход, данок од капитални добивки и од камата од депозити кој треба да стапи во сила од 1 јануари 2020 година. Со оглед дека има иницијативи, се прават анализи и ги разгледуваме можностите да видиме како би реагирале во насока на поддршка на интересите и на бизнис-секторот и на пазарот на капитал и на граѓаните, со цел одложување на примената на законот. Ги разгледуваме можностите и навреме ќе информираме за точните одлуки, но сега можам да потврдам дека има волја за одложување – рече Ангеловска.

Освен бизнис-заедницата, која е најгласна против прогресивниот данок, и брокерите и банкарите се на став дека двојното оданочување негативно ќе влијае врз прометот на берзата. Но, Бранимир Јовановиќ, како поранешен советник на  ексминистерот Драган Тевдовски, смета дека  Владата работи во интерес на богатите со одложување на оданочувањето на капиталните добивки.

-Со одложувањето би се пратила јасна порака дека Владата работи за богатите, спротивно на она што се прокламираше во изминативе години. Со кое морално право ќе ги ослободите од данок оние што прават пари од тргување со акции и од чување огромни депозити во банка, а ќе ги даночите, на пример, текстилните работнички, кои мака мачат за да извадат минималец? – праша тој.

Според него, со одложувањето се оди спротивно на практиките во ЕУ, бидејќи речиси и да нема земја во ЕУ во која не се оданочуваат капиталните добивки и каматите.