Владата ќе потроши 1,8 милиони евра на кампања за ЕКСПО во Белград

Додека државата гори, додека пожарникарите со мизерни плати се борат со пламените стихии, додека семејствата во Кочани молат за помош и чекаат државата да им помогне, Владата на Христијан Мицкоски ќе потроши 1,8 милиони евра од народните пари за да се луксузира, да прави логоа, брошури, тотеми и кетеринзи за ЕКСПО што ќе се случи дури во 2027 година. Ова го тврди СДСМ преку прес конференција на портпаролката Богданка Кузеска.
-Повеќе од 110 милиони денари ќе платат на приватна фирма за „визуелни идентитети“, столови со еко-кожа, тотеми, билборди, спотови, брошури, кетеринзи и престои на промотери цели четири месеци во Белград.
Луѓето во оваа држава едвај преживуваат, платите стагнираат, нема пари за Кочани, нема пари нови пожарникарски возила, нема пари за ништо освен за промоција на Мицкоски и Владата. За тоа нема проблем да има речиси 2 милиони евра.
Ова е чиста навреда за граѓаните. Владата со овој тендер ја покажува својата вистинска природа: луксузирана, одлепена од реалноста, во која министри и премиер си замислуваат дека народните пари се нивна сопственост за шетање по Белград и снимање спотови.
И не само тоа. Овој тендер, кој вклучува медиумски кампањи, спотови, билборди, реклами на социјални мрежи, банери, соопштенија и цела инфраструктура за промоција отвора сериозно прашање: дали овие 1,8 милиони евра од буџетот всушност се уште еден начин
Владата да си ја плати сопствената изборна кампања со пари од граѓаните? Дали токму преку овие тендери Владата ќе си обезбеди медиумски простор, билборди, видеа и маркетинг кој ќе го користи за сопствена пропаганда пред и за време на изборите? Ги прашуваме јавно: кој ќе одговара за ова расфрлање со нашите пари?
Ова не е влада на народот, ова е влада одлепена од реалноста, арогантна, без трошка чувство за одговорност кон граѓаните. Ги повикуваме граѓаните да видат на што се трошат нивните пари, порачаа од СДСМ.
„На СДС им е чудно како е можно да има средства и за ЕКСПО, и за плати, и за повредените од Кочани и за модернизација на опрема за справување со пожари, бидејќи они беа навикнати на крадење и несоодветно трошење на пари од Буџетот. Ако работите чесно, транспарентно и одговорно ќе има средства за се.Во време на СДС имаше средства само за луѓе блиски до СДС, Филипче и Заев“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.