Владата ќе одлучува за патувања во регионов без ПЦР-тест

Фото: Б. Грданоски

Владата денеска на седница треба да ги разгледува препораките од Комисијата за заразни болести и да донесе одлука за патувања во земјите од регионот, Србија, Црна Гора и Косово, без ПЦР-тестовите.

Како што информира Министерството за здравство, Комисијата предлог одлуката за отворање на границите со посочените земји без ПЦР тестирање, ја донесе вчера на седница, врз основа на анализа според која, во моментов нема индикација, односно нема висок број на увезени случаи во земјава со КОВИД-19 од овие неколку држави. Согласно со тоа, Комисијата, се посочува, констатирала дека нема ризик и  е безбедно отворањето на границите. Воедно, се укажува дека во Европската Унија, сите граници на движење се без ПЦР – тестирање.

Аргументите на Комисијата денеска пред Владата на нејзината редовна седница ќе ги пренесе министерот Венко Филипче по што Владата ќе донесе одлука, но премиерот Зоран Заев, очекува тоа да се однесува само за најнеопходни патувања.

-Не сакаме да бидеме изолирани од регионот, ако регионот е отворен, тогаш треба да бидеме и ние. Мала земја сме, поврзани сме со регионот за здравствени искуства и во делот на економијата. Поприлично сме позитивни кога стручните луѓе од Комисијата даваат сугестии, но секако тие ќе бидат патување – да, без ПЦР, но само кога е најнеопходно, изјави вчера Заев по настанот со кој беше одбележан Светскиот ден на наставниците.

Посочи дека се работи за регионална иницијатива, а регионот, како што рече, е мал со приближно исти бројки на заразени.

-Подоминантно е целиот фокус на секоја од земјите да биде на личната заштита отколку на колективното поврзување. Сите сме исплашени од бројките кои растат и сакаме да ги почитуваме стручните луѓе од здравството. Албанија, Косово и Црна Гора се веќе отворени, чекаме одговор од Србија, Бугарија, додаде Заев.

Македонските граѓани во моментов од земјите во регионот можат да патуваат без ПЦР тест само во Албанија и Турција. Деновиве Грција ја продолжи одлуката до 12 октомври за копнените граници и за забраната за влез на државјани од трети земји