Владата ќе набави 800 илјади вакцини против Ковид -19


 Владата му наложи на министерот за здравство Венко Филипче да потпише договор за набавка на вакцини за Ковид -19 со Глобалниот сојуз за вакцини, а Mинистерството за финансии и Генералниот секретаријат да ги обезбедат парите и да уплатат аванс. Набавката ќе оди преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до вакцини потврдени и регулирани од Светската здравствена организација (СЗО).

Според информациите на Гласот на Америка, планирано е да се набави количина на вакцини која би покрила 20 отсто од населението, а бидејќи станува за две дози бројката би била околу 830 илјади вакцини. Тие ќе чинат 8,8 милиони американски долари.

Носењето на маска на отворено сеуште не е задолжително бидејќи Владата, на денешната седница, не ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека за спроведување на овие препораки се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

Денешниот биланс од епидемијата на коронавирус во Северна Македонија е 80 новозаболени, три жртви и 97 оздравени пациенти. Сепак направени се само 680 тестирања од кои 12 отсто се позитивни.Во последните три дена процентот на позитивни тестови се движеше меѓу 21 и 23 отсто што е црн рекорд досега.

Од почетокот на епидемијата битката со вирусот ја загубија 800 пациенти а во моментов се активни 3.996 случаи со што се се поблиску до рекордната бројка од 4.198 случаи која беше регистрирана на 25 јули.