Владата ќе купува простории за сместување на нашата мисија во седиштето на НАТО


Владата на денешната седница го задолжи Министерството за финансии со ребаланс на Буџетот за годинава да обезбеди средства за купување простории во кои ќе биде сместена нашата мисија во новото седиште на НАТО во Брисел.

-На редовната 151 седница, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, ја разгледа и усвои Информацијата и новиот предлог за просторното сместување на Мисијата на Република Северна Македонија во новото седиште на НАТО во Брисел по пат на купување. Согласно одлуките донесени по оваа точка, Владата на РСМ го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди буџетски средства во износ од 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО на име купување простории за Мисијата на РСМ при НАТО, а 800.000 евра за адаптации за плаќање на рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување на ИТ опрема за 2020 година, соопшти владината прес-служба.

Владата уште го задолжи Министерството за финансии при планирањето на буџетските средства да ги има предвид и обврските на институциите од земјава кои се учесници во Мисијата на РСМ при НАТО во Брисел, кои ќе се стекнат со канцелариски простор во Мисијата.

На оваа седница, Министерството за одбрана информирало дека е доставена номинација нашата земја да биде домаќин на НАТО конференцијата за информации и комуникатори во 2020 година, како најголем настан што НАТО го одржува во текот на годината. Кандидатурата за домаќин на конференцијата е потврда на одличната репутација што Република Северна Македонија ја има како одговорна и напредна идна земја членка на НАТО. Доколку се организира конференцијата во Северна Македонија во 2020, тогаш покрај тоа што настанот ќе биде спонзориран од НАТО, тоа ќе биде и значаен придонес во стратешката комуникација на НАТО и на нашата земја.