Владата ќе издвои 54 милиони денари за здравствените работници ангажирани околу Ковид-19


Со ребаланост на Буџетот, Владата ќе издвои 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од Ковид-19. Средствата ќе бидат наменети за вработените во Ковид центрите во Скопје и во болниците во останатите градови низ земјава, соопшти Министерството за здравство.

Овие 54 милиони, како што се посочува, се дел од вкупно 243 милиони денари кои Владата ги издвои за здравството. Останатите пари ќе бидат распределени за набавка на лекот „Ремдесивир“, за набавка на вакцини, за тестови за Ковид-19 и за потребите на јавните здравствени установи.

Предлогот за ребалансот е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан наредните денови, со што ќе почнат да се реализираат четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија, информираат од Министерството за здравство.