Владата ќе го разгледа барањето за 14-дневен карантин во Куманово


Владата ќе го разгледа барањето на Општина Куманово за воведување на 14-дневен карантин во градот поради брзото ширење на корона вирусот. Ова го навести техничкиот премиер Оливер Спасовски при денешната посета во Куманово.

Тој исто така  извести дека е во тек тестирање на здравствениот персонал во кумановската болница, каде што досега се потврдени 44 медицински лица заразени со корона вирусот. Премиерот смета дека засега болницата може да функционира.

„Ние веќе имаме донесено дополнителни лекари и работат веќе две недели. Во текот на денешниот ден се прави и скрининг на вработените лекари во кумановската болница. Земени се околу 210 тестови за испитување. Болницата функционира, можеби одредени оддели работат со намален капацитет, но, имајќи предвид дека има повеќе од 700 вработени, а 44 се позитивни на вирусот, тоа остава простор да функционира и ќе направиме сè за да функционира, затоа што на Куманово му треба здравствена заштита“, истакна Спасовски.