Владата ќе го гасифицира затворот во Идризово за да го намали загадувањето


Влада на денешната 162 редовна седница ја одобри гасификација на КПУ Затвор Скопје за намалување на аерозагадувањето, обезбеди буџет за изградба на детски градинки во Чаир и Лозово и за опрема во градинките во Куманово, Брвеница и Босилово, а ја започнува и подготовката за пилот програма за сексуално образование.

На седница, соопшти владиниот Сектор за односи со  јавноста, е прифатена Информацијата за одобрување финансиски средства на Општина Ѓорче Петров од Буџетот на Министерството за здравство во износ од 14.400.000,00 денари кои ќе бидат наменети за изработка на урбанистичко проектни документации, основни проекти за инфраструктура и елаборат за геолошки и геомеханички својства на почвата за потребите на Урбанистичкиот план вон населено место Веле Поле, Општина Ѓорче Петров, каде што треба да се гради новиот Клинички центар.

Владата ги прифатила и измените на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година и ги зголемила средствата наменети за замена на постоечките нееколошки системи за греење во административните и други објекти во сопственост за државата во најзагадените градови со цел замена на системот за греење на Казнено-поправната установа Затвор Скопје. КПУ Затвор Скопје, кој сега користи екстра лесно масло за затоплување со оваа пренамена ќе се загрева на гас, што со оглед на локацијата на котларата во населено градско подрачје е од големо значење за намалување на аерозагадувањето во општината и градот пошироко.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација Владата денеска ја разгледала и усвоила „Информацијата за учество на Република Северна Македонија во EuroHPC“, проект на ЕУ со цел развој, воспоставување, проширување и одржување на суперкомпјутерски и податочни центри од светска класа во рамки на Европската унија, како и развој и поддршка на високо компетитивен и иновативен екосистем за процесирање со високи перформанси.

Владата го задолжила Министерството за информатичко општество и администрација во рок од пет дена по усвојувањето на оваа Информација во име на Владата на Република Северна Македонија да испрати писмо за прием на Република Северна Македонија во EuroHPC, и да го номинира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје како носител на Центарот за компетенции за процесирање со високи перформанси, преку мандатно писмо.

Главната придобивка на Република Северна Македонија за учество во оваа програма, стои во соопштението, може да се најде во можноста на развојот на човечки капацитети во областа на Пресметување со високи перформанси, кои преку македонските претпријатија ќе доведат до подигање на иновативноста и до зголемен развој на научната дејност, преку активности поврзани со обука и поддршка на македонските научници во користењето на напредните ИКТ технологии.

На денешната седница, Владата ја прифатила Информацијата на Министерството за образование и наука за воведување пилот програма за сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта, две во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници.

Пилотирањето, согласно Акцискиот план е предвидено да отпочне со реализација во 2021 година, откако претходно ќе бидат завршени сите планирани чекори: изработка на материјали за обука на наставниците, обука на наставниците и изработка и пилотирање на инструментите за евалуација на пилот програмата.

Денеска Владата го разгледала и усвоила конечниот текст Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, со Акциски план за спроведување за 2020-2022 година, со заклучок стратегијата да биде доставена до Собранието на Република Северна Македонија за запознавање.

На оваа владина седница е усвоена Информацијата за обезбедување буџетски средства од Министерството за труд и социјална политика за изградба на детски градинки во Општина Чаир и Општина Лозово, како и за набавка, испорака и монтажа на опрема во детските градинки во Општина Куманово, во Општина Брвеница, и во Општина Босилово.

Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за учеството на делегацијата на Република Северна Македонија на 40. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз.

Прифатена е и Информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи за прифаќање на организирањето и спроведувањето на вежбата на земјите членки на НАТО за координиран одговор при катастрофи која ќе се одржи идната година во Република Северна Македонија.