Владата ќе дава логистичка поддршка за укинатиот Центар за македонски јазик во Лерин
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе реагира во однос на укинувањето на Центарот за македонскиот јазик во Лерин со давање логистичка поддршка, но нема да дозволат да бидат вовлечени од страна на соседна Грција во нивната внатрешна политичка расправа.
„Јас сум свесен дека таму се потребни провокации за да ние да изреагираме реципрочно и да направиме нешто што нема никаква врска со нашите интереси, односно остварување на втората наша цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Уште еднаш нашите партнери од ЕУ можат да сведочат на непочитување на договореното од страна на нашите соседи иако јас сум свесен дека тие ќе се вадат, дека тоа е судска одлука итн. Но, нашинците ја имаат нашата поддршка и ќе ги поддржиме во барање на нивното право. Ние како политичари можеме да дадеме логистика, тука е Европскиот суд за човекови права. Ние сме свесни дека ќе дадат сѐ нашите соседи да не вовлечат во нивната внатрешна политичка расправа и ќе ја направат Македонија како тема, но ние сме одговорни, зрели и ние нема да дозволиме“, Мицкоски.
Апелацискиот суд во Кожани, Грција, деновиве донел одлука со која се поништува регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. Активистите на Центарот најавија дека ќе ги искористат сите правни средства и оти ќе се жалат до грчкиот Врховен суд и до Судот за човекови права во Стразбур.
Центарот за македонски јазик во Грција е формиран 2022 година како невладина организација/здружение со одобрение од грчкиот суд, со што стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, која што е регистрирана и призната како таква од грчките државни органи. Лани, во март, Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе барања/тужби за поништување на првичната одлука за одобрување на барањето за неговата регистрација.
Апелацискиот суд во Кожани преку советот составен од само еден член ја укинал пресудата на Основниот суд во Лерин, со кој било дозволено словенски дијалект да се учи како македонски јазик во Грција, затоа што била неразбирлива. На оваа одлука се жалеше обвинителот од Лерин, а свои поплаки имаа редица екстремни и национиалистички групи од Грција.
Одлуката е удар за спроведувањето на Преспанскиот договор и таа доаѓа по влошувањето на односите на новата македонска влада со Грција околу употребата на уставното име. Веб-страницата на Центарот од Лерин е падната.