Владата ќе даде половина милион евра на невладините за помош околу епидемијата

Владата вечерва ја разгледа и усвои Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата. Согласно Програмата, 30 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за преземање итни мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари и тоа за следните приоритетни цели:

– Информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, како што се препораките на Министерството за здравство, придржувањето кон мерката за самоизолација и задолжително носење на заштитна опрема на лицето;

– Правна помош, психолошка помош или совети за безбедност и приспособување за време на пандемија за најзагрозените групи, вклучително и спречување на стигматизација на заразените со коронавирус и лицата во изолација, односно спречување на говор на омраза;

– Помош и поддршка на децата од социјално загрозените семејства и децата од руралните средини за учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација;

– Помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите, што ги наметна кризата;

– Набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво;

– Едукација, директна помош и поддршка на лица со хронични болести, лица со ретки болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители, сексуални работници/чки, групи засегнати од ХИВ, лица со попреченост, ЛГБТИ и други социјално исклучени групи, во смисла на набавка на прехранбени производи и лекови, прехранбени и хигиенски пакети, психолошко-социјална помош и слично;

– Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки со идејни решенија, кои ќе им помогнат да остваруваат приходи за време на криза, како што е на пример, воспоставување на онлајн продавници за земјоделци/ки поединци;

– Директна поддршка на ранливи групи со ниски примања за да им се помогне со решенија кои ќе им помогнат за остварување на приходи за време на кризата;

– Правна помош на граѓаните од најпогодените заедници за да ги остварат правата од мерките, кои ги донесе Владата;

– Анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата врз жените и ранливите категории и предлози за менување на политиките и мерките;

– Промоција на домашното земјоделско производство, локални капацитети за рурален развој и туризам и локалното производство на храна;

– Антикорупциска проверка на политиките, кои се донесуваат во време на криза;

– Предлози за структурни промени и нови политики во областа на здравството, образованието, социјалната заштита, животна средина и др., кои ќе гарантираат социјално-економска правда и правичност;

– Информирање за заштитата на човечките права и ризикот од стеснување на просторот за граѓанските слободи за време на епидемија и вонредна состојба;

– Справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација и говор на омраза;

– Активности поврзани со дигитализација и електронска писменост на населението воопшто, односно како да се зголеми довербата во електронската комуникација и работење;

– Онлајн обуки и менторство за невработени лица, со фокус на ранливи категории граѓани, за стартување на сопствен бизнис;

– Обезбедување на совети и поддршка за развој на онлајн модули за физичка активност со цел подобро ментално здравје за време на пандемија;

– Информирање и едукација на јавноста за практикување на физичка активност со почитување на социјално дистанцирање, преку развој на упатства, модули.

Здруженијата и фондациите, на кои ќе им бидат доделени средства ќе достават извештај за користење на средствата до Генералниот секретаријат на Владата, кој се грижи и за реализацијата на програмата и кој доставува извештај за реализација на оваа програма до Владата.

Владата на оваа седница ја донесе и Одлуката за критериумите и постапката за распределба на средствата за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации за реализацијата на Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата.