Владата ќе бара 103 милиони евра од ИПА III, а ќе даде 27,5 милиони од Буџет, за проекти


Владата синоќа ја разгледа и усвои Информацијата за доставување на ИПА III стратешкиот одговор и Акциските документи за 2021 година до Европска Комисија.

Одобрените акциски документи за 2021 година, по извршената проценка на релевантност, се со вкупен износ на инвестиции од 130.996.000 евра од кои ИПА финансирањето е во износ од 103.400.000 евра, а националното кофинансирање во износ од 27.566.000 евра, соопшти владината прес-служба.

Со заклучок по оваа точка Владата ги задолжи Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за животна средина и просторно планирање, кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економски политики, како институции координатори на акциските документи за 2021 година, за навремено планирање на финансиските средства за национално кофинансирање во наредните три години од националниот буџет, почнувајќи со буџетот од 2022 година.

На 53. седница синоќа е усвоена Информацијата за формирање Работна група со претставници од повеќе министерства за соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати за детектирање, планирање и разгледување на сите можности за соработка и инвестиции меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

На оваа седница, согласно препораката на Комисијата за заразни болести, Владата даде согласност за Протоколот за организирање и изведување натпревари на учениците по одделни предмети, на општинско, регионално и државно ниво во основното образование во услови на пандемија и за Протоколот за организирање и реализирање натпревари во средните училишта во услови на пандемија од КОВИД-19.