Владата им зеде 105 милиони евра на министерствата


Сто и пет милиони евра е сумата која владата реши да ја скрати од буџетите на министерствата и сите останати корисници на пари од државната каса. Најмногу настрада касата на Министерството за одбрана од каде ќе се распределат 25 милиони евра, а потоа министерствата за образование и труд, каде ќе се кратат капитални инвестиции и останати трошоци кои Владата ги прогласи за неприоритетни.

„Овие 6,5 милијарди денари се распределени на соодветни програми, односно 5,9 програма  за финансиска поддршка на мерките за Ковид 19, 95 милиони се распределени за посебен фонд за  туристичкиот сектор. Мерка за самостојните уметници шест милиони денари. Триесет милиони денари за спортистите преку уредба на Агенција за млади и спорт“, рече Нина Ангеловска министерка за финансии.

Предлогот за зголемување на акцизата на горивата за два денари од страна на Стопанската комора е прифатлив за владата и ќе помогне во дополнително полнење на државната каса во ова кризно време, потврди Ангеловска.Ова значи дека ќе се зголеми цената на горивата која ќе ја плаќаат и  граѓаните, и превозниците.

Информациите се дека до крајот на јуни земјава ќе издаде еврообврзница тешка 800 милиони евра, со рок на достасување до 10 години. Инаку, земјава бара и 176 милиони евра од ММФ и 80 милиони евра заем од Светската банка. Дополнително владата се обидува да добие кеш и од Европската Унија во висина до 100 милиони евра.