Владата им ги собра парите на политичките партии


Од 0,15 на 0,04 проценти се намалува финансирањето на политичките партии, со што место пет тие ќе добијат само еден милион евра за изборите. Изразено во денари,ако за финансирање на политичките партии годинава требаше да им бидат исплатени 320 милиони денари, со Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, на партиите ќе треба да им бидат исплатени вкупно 71.480.556 денари. Националната годишна програма за јавно здравје со повисоки финансии во делот за вонредни и кризни состојби. Ова се најважните одлуки донесени на денешната седница на Владата.

Владата  го прифати предлогот од Министерството за труд и социјална политика во однос на опфатот на мајките чие платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено или посвоено дете завршило по отпочнување на времените мерки, од 11.03.2020 година, а пред почнување на вонредната состојба на 17.03.2020 година со што истите, со приложување на лична писмена изјава до работодавачите покрај добиена потврда од матичен гинеколог, со што отсуството од работа за оваа категорија лица ќе се смета за оправдано и ќе се смета дека и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот КОВИД-19.

На денешната седница е донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која, согласно Законот за финансирање на политичките партии, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се намалуваат и ќе изнесуваат 0,04 проценти наместо од 0,15 проценти од вкупните изворни приходи на Буџетот на  Македонија со цел спречување на негово  дополнително оптоварување и како една од економските мерки кои се преземаат за справување со последиците од коронавирусот КОВИД-19.

На оваа седница е донесена Уредба за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2021 година, со која се пропишува методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2021 година.Уредбата предвидува дека вкупните средства на приходите од данокот на додадена вредност наплатени во претходната фискална година за општините во Македонија, општините во градот Скопје и Градот Скопје се распределуваат во константен дел од по 3.000.000 денари за сите  и променлив дел кој се распределува за општините во Македонија во износ од 88 проценти, а за општините во градот Скопје и Градот Скопје во износ од 12 проценти.

Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит за време на вонредна состојба цел предвидување на дополнителна јулска испитна сесија за полагање на правосудниот испит чие спроведување е во надлежност на Министерството за правда.

На предлог на Министерството за финансии, Владата ја усвои Програмата за изменување на програмата за лекување на ретки болести, која оваа година ќе се финансира согласно одобрените средства со ребалансот на Буџетот во висина од 522.000.000 денари.

На оваа седница е усвоена и Програмата за изменување на програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Македонија, која оваа година е финансира со зголемени финансиски средства 15.000.000 денари, согласно ребалансот на Буџетот, со вкупна висина од 40.000.000 денари.

Денеска е усвоена и Програмата за изменување и дополнување на Националната годишна програма за јавно здравје за 2020 година, со повисоки финансиски средства во делот за вонредни и кризни состојби во висина од 22.000.000 денари, за исплата на спроведени активности од страна на 10-те центри за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во период од почетокот на кризната состојба до 20.5.2020 година.

Програма за изменување и дополнување на Националната годишна програма за јавно здравје  ќе се реализира согласно одобрените средства со ребалансот на Буџетот за оваа година, во висина од 65.000.000 денари од кои 55.000.000 денари се од основниот буџет и 10.000.000 денари се од сопствени средства на Министерството за здравство.

На денешната седница се усвоени и измени на Програмата за превентивни мерки за спречување на туберкулозата кај населението за 2020 година и на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош како и на членовите на нивните домаќинства, измени на Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности, како и на Програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ).

Владата денеска усвои измени и на Програмата за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализација, односно супспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници вработени во приватни здравствени установи, други правни лица и невработени, како и за спроведување на обуки за вршење на преглед на умрени лица за 2020 година, која ќе се реализира во рамките на одобрените средства согласно донесениот ребаланс на Буџетот во висина од 45.000.000 денари, од кои 10.000.000 денари од Буџетот на Македонија, а 35.000.000 денари од буџетот за самофинансирачки активности на Министерството за здравство.

Истата има за цел стручно усовршување, односно специјализација/супспецијализација на медицински кадар од јавните здравствени установи во Македонија со долгорочна цел подигнување на квалитетот на укажувањето на здравствените услуги во државата.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за надградба на порталот „Отворени финансии“ со објавување на трансакции на Единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и нивните буџетски институции. Во насока на понатамошно зголемување на фискалната транспарентност, Министерството за финансии го прошири опфатот на податоци на порталот „Отворени финансии“ и со трансакциите на единиците на локалната самоуправа и на нивните буџетски институции на истиот начин на кој се објавуваат и трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на државата од централната власт, и на тој начин сите ќе бидат достапни за јавноста преку интернет врската open.finance.gov.mk.