Владата и банкарите не се договорија за каматата од унгарскиот кредит, договорени роковите за враќање
За враќање на кредитите ќе се користи формулацијата „до три години грејс период и до 15 години рок на отплата“. За каматата кон банките ќе се преговара и наредната недела
Премиерот Христијан Мицкоски и банкарите денес не најдоа заеднички прифатливо решение за каматната стапка по која што банките ќе ги одобруваат кредитите кон компаниите од унгарскиот заем кој неодамна го зема Владата. По средбата која што се одржа денес во Министерството за финансии и на која покрај премиерот Мицкоски беа и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и членките на Македонската банкарска асоцијација, во изјава за медиумите беше соопштено дека е усогласено решение за рокот на отплата на кредитите, додека за каматата преговорите ќе продолжат.
„Би го поделил состанокот во три дела. Првиот дел е оној кој што се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично, вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка“, рече Мицкоски.
Како што посочи, во делот на желбата дека сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација, кај членките и членовите е несомнен, односно сите изразиле желба и сите изразиле подготвеност да бидат дел од овој процес.
Во делот на рочноста, заземен е заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе се користи формулацијата до три години грејс период, и до 15 години рок на отплата.
„Членките на МБА кажаа дека има клиенти кои што сакаат можеби пократок рок и тн. Затоа велиме до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Тоа мислам дека го усогласивме и го прифативме“, рече премиерот Мицкоски.
Клучното прашање покрај рокот на отплата, кое се провлекува изминатите денови и кое што предизвика кај Мицкоски деновиве да изјави дека е разочаран од банките, е каматната стапка, по која банките на компаниите ќе им ги одобруваат кредитите. Тоа прашање, денеска не се разреши.
„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следната недела или во втората половина би имале некаков став за тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно би почнале да го аплицираме и да се пренесе на стопанството“, рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашања на новинарите Мицкоски рече дека во моментов „се доближуваат ставовите“ одбивајќи да зборува за проценти. „Би зборувал за изразена воља од двете страни да бидат ставовите доближени и да бидат усогласени“, рече тој.
Суштината, како што појасни, за да не биде погрешно разбрано во јавноста, е дека 3,25 проценти Владата секако ќе ги плати кон унгарската Експорт импорт банка.
„Целта е каматата која што ќе ја понудат банките (кон компаниите, заб.) да биде што е множно пониска, односно за да може стопанството да добие пониска камата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека банките реално имаат трошоци, но треба да се види што може од тие трошоци да се намали.
„Тоа зависи и од политиките на Централната банка, затоа велам да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите и тогаш ќе излеземе официјално со позиција“, рече Мицкоски.
Тој исто така додаде дека во однос на враѓањето на унгарскиот кредит, државата, односно Владата миожеби за некоја година би издала еврообврзница со која предвреме би го вратила овој кредит, бидејќи како што реше „знаеме дека немаме таму каматна стапка“.
„Можеби ќе одлучиме и некакви други механизми во зависност од интересот на државата“, додаде Мицкоски.
Во однос на договорената рочност за враќање на кредитите од компаниите конн банките Мицкоски објасни дека доколку клиентот сака, банките може да одобруваат кредит од унгарскиот заем и со рок на отплата од пет, или седум години, на пример.
„Ако клиентот на пример сака две години грејс период и пет години рок на отплата, значи седум години, може да се одобри таквиот кредит, затоа ќе ја користиме формулацијата до три години и до петнаесет години. Има клиенти кои што сакаат пократок рок и побрзо да го вратат кредитот“, рече Мицкоски.
Владата позајми половина милијарда евра од унгарската Експорт импорт банка, а заемот го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.
Кредитот од 500 милиони евра е со каматна стапка 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот. (М.Ј.)