Владата го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот за безбедност со храна во Западен Балкан


Фото: Б. Грданоски

 Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка во областа на механизмите за безбедност со храна во Западен Балкан предложен од Министерството за надворешни работи.

Со овој Договор, членките на иницијативата Отворен Балкан ја потврдуваат неопходноста од соработка за спречување и ублажување на потенцијалниот недостиг од основни земјоделско-прехранбени производи, предизвикан од потенцијална кризна ситуација во регионот или криза која влијае на глобалниот пазар и се одразува на регионот.

Според Договорот, членките на иницијативата Отворен Балкан се воедно и се согласни дека меѓу нив нема да има забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од потпишување Аранжман за спроведување на Заеднички акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан помеѓу Европската комисија и властите во Република Северна Македонија.
 
-Соочени со голем број на кризи, закани за мирот, стабилноста и безбедноста, а особено со закана од тероризам и насилен екстремизам, државите се обединуваат околу потребата од јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот, како и развој и унапредување на меѓународната соработка која е обединета во меѓународната коалиција за борба против тероризам, се вели во соопштението од Владата.
 
Од друга страна, се додава во него, исполнувањето на меѓународните стандарди за анализа и размена на безбедносните информации овозможуваат појасна слика за вистинските закани, но придонесуваат и за поголема подготвеност на надлежните институции за борба против тероризмот и насилниот екстремизам.