Владата го усвои Предлог-законот за буџети
Владата на денешната редовна седница го разгледа и усвои Предлог-законот за буџети со цел имплементација на реформите во процесите на планирање и извршување на буџетот, зајакнување на фискалната дисциплина, стабилни фискални проекции за среднорочен период, интегрирање на процесите во јавните финансии и подобрена транспарентност.
Во соопштението од владината прес-служба стои дека со оглед на тоа што постојниот Закон за буџети е од 2005 година, со новиот Предлог-закон се предвидени неколку дополнителни измени и допрецизирања и со него се уредени постапките за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и Град Скопје, како и известување за извршување на буџетот.
Потребата за изработка на целосно нов Закон, како што наведуваат, е со цел подобрување на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање како еден од најголемите приоритети на Владата на Република Северна Македонија, како дел од процесот за пристапување во Европската Унија.
Новиот Закон за буџети, кој треба да важи од 1 јануари 2023 година се вклопува во концептот СМАРТ финансии, односно истиот е со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност и ќе биде доставен во собраниска процедура.