Владата го укина полицискиот час


Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки“, рече премиерот Оливер Спасовски

Според препораките на Комисијата за заразни болести Владата укина повеќе рестриктивни мерки. Од утре целосно престанува одлуката за посебен режим на движење на територијата на земјата, т.е. полицискиот час. Од четврток почнуваат со работа угостителските објекти, засега само на терасите, додека затворените делови од објектите ќе се регулираат во наредната фаза. Ќе престанат заклучоците на Владата со кои разни категории граѓани се ослободени од работа, а исклучок ќе бидат хроничните болни и децата до предшколска возраст, додека не тргнат во градинка.

За влез во државата со специјални и хуманитарни летови и други превози се укинува задолжителниот државен карантини од јуни и се заменува со домашна изолација и PSR тест направен последните 72 часа.  На предлог на МНР подготвен е протокол за странски дипломати и членови на нивните семејства кои, со потврда за негативен тест во последните 72 часа, можат непречено да ја извршуваат својата работа.

-Од денеска сите лица кои се во државен карантин можат на сопствен трошок да направат PCR тест во објектот каде се сместени и доколку имаат негативен тест, да бидат упатени во домашна изолација- рече Спасовски.

Комисијата е задолжена да направи јасна и прецизна проценка за целосно отворање на државните граници за влез и излез од државата. Многу бргу, рече Спасовски, патувањето во регионот ќе биде регулирано за граѓаните во сите земји во регионот, што се договара координирано.

-Владата донесе одлуки со кои престанува важењето на повеќе рестрикитивни мерки, од утре целосно престанува одлуката за забрана и посебен режим на движење на целата теририторија на државата. Од четврток 28 мај отпочнуваат со работа угостителските објекти со посебен протокотл во отворените делови, а од 1 јуни ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории на лица беа ослободени од работните обврски, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, ротации и слични мерки. Ова не важи за хронично болните, а отстапка од оваа одлука ќе има и за родителите кои имаат деца до 10 години, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работа на градинките – рече Спасовски.

Според него, денешните одлуки се донесени бидејќи состојбата е под контрола, а зголемениот  број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на непочитување на рестриктивните мерки.

Министерот Венко Филипче  уверуваше дека мерките се носат целосно во консултација со експертите и дека сега здравствениот систем е добро опремен и подготвен да се справува со епидемијата. Очигледно е, рече тој, дека вирусот се уште е тука, но одговорноста сега паќа на граѓаните и на придржувањето на мерките, како носење маски, одржување дистанца и хигиена.Тој забележа дека дел од граѓаните се дисциплинирани, но има и граѓани кои не ги почитуваат мерките, а не ни веруваат во постоењето на вирусот.

„Ние со овие мерки продолжуваме понатаму, и тоа е клучот со кој животот ќе го вратиме во нормала. Сакам да кажам дела сме целосно подготвени да се носиме со ситуацијата“, наведе министерот.

-Почитувани граѓани, сакам да ви се заблагодарам на високата свест и за придржувањето до рестрктивните мерки. Со тоа станавте десна рака на здравствените работници. Имаше и одредени пропусти и критики кон нас во однос на имплементирањето на мерките, но морам да кажам дека оваа закана е невидена претходно. Така да ова не беше лесно ни за Владата, ниту за граѓаните кои мораа да ги сменат своите навики. Но, и поради малите пропусти, во ниту еден момент не излезе од контрола. Денешните укинување на рестрикциите не се ад хок решенија, туку се дел од една стратегија, рече вицепремиерот Бујар Османи.

Запрашан што доколку повторно се зголеми бројот на заболени со ковид-19, премиерот Спасовски  рече дека тоа ќе значи нови рестриктивни мерки и повторно сериозни проблеми.

– Често прашувавме кога ќе се намалат мерките и секогаш одговорот беше во зависност од однесувањето на сите нас, ќе ги моделираме мерките кои ги носиме. Денеска можеме да заклучиме дека се исполнети услови да ги намалиме, а не ги воведовме ние како влада, а ниту комисијата ни ги предложи заради тоа што тие така сакале или ние така сме сакале. Сега граѓаните знаат што ги очекува кога имаме зголемен број на заболени. Тоа ќе значи нови рестриктивни мерки, повторно сериозни проблеми кои ги имавме досега и затоа апелираме до сите да ги почитуваат мерките кои се уште се на сила, рече Спасовски.

Полицискиот час како мерка против ширење на коронавирусот беше воведен на 22 март. Првиот полициски час беше од 21 до 6 часот наутро. Оттогаш па наваму се менуваше времето за забрана за движење во зависност од бројот на новозаболени лица и ширење на вирусот.

Спасовски на прес конференцијата даде мислење и за изборите.Според него, тие треба да се одржат за 22 дена, по укинувањето на вонредната состојба.

-Датумот на изборите е детерминиран со уредбата законска сила која има важност до завршување на вонредната состојба. Во моментот кога ќе заврши, за 22 дена, ќе треба да се одржат избори. Тоа е фактичка состојба. Затоа треба да се реализираат изборите во првиот можен рок. Мора да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во моментот кога ќе има најмногу створени услови. Една од нашите одговорности е да направиме се колку што е можно побрзо да се обезбеди новата нормалност“, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека на граѓаните им требаат стабилни институции.

„Преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може сите вообичаени активности да ги спроведеме така како што очекуваме, а таква активност сигурно би биле и претстојните парламентарни избори. На македонската демократија и развој им требаат стабилни институции и колку што е можно побрзо, враќање на нормалниот колосек, на функционирање на државата. На македонските граѓани им треба функционално Собрание“, рече Спасовски.