Владата го повлекува спорниот закон за протести


Фото: Б. Грданоски
Владата одлучи да ги повлече на доработка Предлог-законските измени и дополнувања на Законот за јавни собири кои налагаат многу ригорозни безбедносни правила за организирање на протест, и со кои се ограничува просторот каде може да се протестира

„Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог-измени на Законот за јавни собири и на денешната 164-та седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација.

Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ“, информираат од владата.
Според предложените измени, чиј предлагач е Министерството за внатрешни работи, за да се организира протест потребно е да има најмалку 50 лица, а не како претходно 20, лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат оружје, општоопасно орудие, алкохолни пијалоци и опојни дроги, како и средства на телото (лице, глава и слично) кои создаваат тешкотии при утврдување на идентитетот.

Предлог-законот предвидуваше и да се воведе ограничување на временскиот период за одржување на мирни и јавни собири и тоа од 6 часот наутро до 23 часот навечер.
Се забрануваа протести пред здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на Итна помош, го нарушува мирот на болните и непречено работење на персоналот во здравствените установи.
Исто така се забранува протест пред детски градинки, училишта, на автопати, магистрални и регионални патишта, во и пред тунели, на мостови, надвозници, подвозници, гранични премини, крсносници, пред државни и владини објекти, пред амбасади и конзулати како и пред објекти од посебно значење и интерес за безбедноста на Македонија.