Владата ја отфрли уредбата на ВМРО-ДПМНЕ за вториот пензиски фонд


Владата соопшти дека не ја прифатила уредбата со законска сила за ограничување на преносот на придонесот за задолжително и капитално финансиско пензиско осигурување предложена од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа уредба во владата била претставена преку техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Владата смета дека уредбата е на штета на 500 илјади осигуреници.

Со предложената уредбата се предвидуваше од април до крајот на 2020 година да не се врши уплата на задолжителниот дел од придонесот за пензиско осигурување на осигурениците во приватните пензиски фондови, а потоа тој да се компензира на сметките на осигурениците во период од три фискални години, започнувајќи од 2022 година.

Одбивајќи ја уредбата на синоќешната седница владата ги соопшти аргументите за одлуката.

  • Средствата за пензиски придонес се сопственост на постојните осигуреници – идни пензионери, и со оваа уредба предложена од ВМРО-ДПМНЕ директно би се засегнала личната сопственост на околу 500 илјади осигуреници.
  • Исплатата на платите за месец март во април, е веќе во фаза на реализација, а со тоа и преносот на средства на оние осигуреници кои земале плата е реализиран на нивните сопствени сметки во приватните фондови.
  • Не е прикажана финансиска проекција со која би се презентирал очекуваниот фискален ефект од оваа Уредба врз ликвидноста на Буџетот на Фондот за пензиско осигурување, особено во услови кога се очекува намалена наплата на придонес за пензиско осигурување.
  • Средствата на осигурениците во приватните пензиски фондови во најголема мера се пласирани во државни хартии од вредност со кои се финансира дефицитот на Буџетот на Република Северна Македонија, а со тоа индиректно е обезбедено и финансирање на дефицитот на Фондот за ПИОМ.
  • Со оваа уредба на ВМРО-ДПМНЕ времено се дерогира целокупниот пензиски систем, кој и онака е предмет на континуирани реформи во изминатите неколку години со цел целосно расчистување на сите права и обврски како на осигурениците така и на корисниците на пензии.