Владата го осуди говорот на Сулејман Реџепи каде ги нарекува Македонците див народ


Апсолутно Владата го осудува секој говор на омраза во Република Северна Македонија без разлика дали е искажан на социјални медиуми, на трибини, на конгреси, на прес-конференции, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

-Секогаш сме го осудувале говорот на омраза и во овој случај го осудуваме,  потенцираше Бошњаковски, на новинарско прашање за  говорот на омраза од поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија  реис Сулејман Реџепи  упатен на церемонија на поставување камен темелник на џамија за што тој на својот фејсбук профил објави видео.

Реџепи присуствувајќи на поставувањето на камен темелникот на џамијата во скопското село Арнакија и зборувајќи за историјата на џамијата, открил дека во минатото, еден македонски премиер, со 60 килограми динамит ја урнал џамијата.

„Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога не попречуваат во градењето на џамиите, кога не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме никогаш. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со Господ напред дека ќе дојдат подобри времиња. Ние имаме народ и места секаде. Во село Лажец, Битолско, повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се безпримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува“, изјави Сулејман Реџепи.

За скандалозниот говор на првиот човек на ИВЗ, Хелсиншкиот комитет поднесе и кривична пријава.