Владата го одложи проблемот со сателитските програми за ноември


Со уредбата која ја донесе Владата на 22 јуни  само времено се одложи проблемот со реемитување на телевизиските канали, бидејќи само се пролонгираше рокот до ноември 2020 година, но остана обврската за исполнување на наметнатите неуставни обврски, извести денес Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

-Со донесувањето на Уредбата пред истекот на вонредната состојба, не се дојде до трајно решение за ситуацијата и повторно останаа во сила неуставните измени на Законот, што како краен исход повторно ќе доведе до создавање криза кон крајот на годината.Се надеваме дека со овој мал чекор Владата ќе најде сила за конечно системско решавање на ситуацијата со реемитување на телевизиските канали, пред ноември, во интерес на сите граѓани.

Уште еднаш укажуваме дека операторите работат согласно позитивните правни норми во оваа земја и се надеваме дека никогаш повторно нема да бидеме приморани да ги браниме нашите права, преку протест, што е наше уставно загарантирано право. Во меѓувреме, ќе работиме заедно со сите надлежни институции и националните телевизии со цел да се постигне конечно и законски утврдено решение, со кое ќе се овозможи рамноправен третман и заштита на легитимните интереси на сите чинители на пазарот за производство и реемитување на телевизиска содржина, стои во реакцијата на здружението на операторите.