Владата го именува Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, кој во последно време постојано ја нагласува потребата за меѓусебно разбирање и развивање на пријателство меѓу Скопје и Софија, од сега ќе биде специјален претставник на македонската влада за Бугарија. Таква одлука донесе Владата на денешната седница.

Бучковски е универзитетски професор по Римско право на Правниот факултет во Скопје, но има и ангажман на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“.

Бучковски го поддржа премиерот Зоран Заев по неговото интервју за Бгнес, што предизвика големи реакции во јавноста. Во изминатиов период тој даде повеќе интервјуа за бугарски медиуми во кои нагласуваше дека блокадата ќе има лоши влијание врз односите меѓу двете држави и народи.