Унгарскиот кредит ќе се користи и за изградба на трговски центри, вели Мицкоски

Парите ќе бидат и за обновливи извори за енергија. Премиерот вели дека со првобитната намена унгарскиот заем веројатно не ќе можел да се искористи од стопанството


Новите услови се веќе договорени: Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Владата го прошири опфатот на унгарскиот кредит кој што е наменет за компаниите, со тоа што освен првичните намени за зголемување на производството, извозот и бројот на вработени, сега парите ќе може да се користат и за изградба на трговски центри и за проекти за обновливи извори на енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека доколку ова не било направено, тогаш веројатно не би можеле да се искористат сите средства предвидени за стопанството. Тој исто така рече дека договорот кој треба да се потпише со Развојната банка, а потоа и на Развојната банка со банките е готов и дека до крајот на месецот целата процедура ќе биде завршена, по што компаниите конечно ќе може да поднесуваат барања до банките за финансирање на проекти.

„Да, сето тоа ние сакаме да го опфатиме со овој кредит. Правиме анализа и анализата вели дека 250 милиони евра е годишно побарувањето на економските оператори да земат заем. Кога ќе ги ограничите можностите, тогаш ги ограничувате економските оператори“, рече денеска премиерот Мицкоски во Петровец, каде промираше изградба на пат (со пари од унгарскиот кредит наменет за проекти на локалната самоуправа),  одговарајќи на прашање на новинарите дали со ваквите проширувања (за компаниите) всушност се губи фокусот на кредитот.

Тој посочи дека доколку има ограничувања, може да се случи наместо 250 милиони, да се искористат само 120, 100, 80 или 150 милиони евра, а останатите да останат.

„Од тие причини сакаме да го прошириме на сето она кое ќе има позитивен инпут во домашниот бруто-производ и во македонската економија“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека сега се е дефинирано, односно дека договорот е готов.

„Содржината на договорот е готова, во вторник на владина седница ќе помине и се надевам дека до крајот на месецот ќе биде се завршено и ќе се потпише со банките. Ги повикувам економските оператори да подготват проекти, да аплицираат и да ги добијат средствата“, рече Мицкоски.

Премиерот се осврна и на другиот дел од унгарскиот кредит, во износ од 500 милиони евра, што беше повлечен неодамна и кој беше наменет за рефинансирање на долговите на државата кон странство.

„Другите 500 милиони евра се стигнати и веќе е вратена еврообврзницата од 2018 година“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека за време во престојот во САД имал можност на оваа тема да разговара со „многу високо позиционирани двајца соговорници“ на две водечки банки во САД.

„Зошто е битно? Затоа што тие се најголеми купувачи на хартии од вредност. Каматата која ние евентуално би ја добиле ако не одевме со ваквиот заем ќе беше минимум 6,5 проценти. Со други зборови, само во грејс периодот заштедивме 50 милиони евра со овие 3,25 проценти, колку што е каматата на унгарскиот кредит“, рече Мицкоски.