Владата ги осуди настанот во Струга и прославата на Чулев


Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал - еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските

Владата најостро го осуди организирањето на настанот во Струга поттикнат за одбележување на верски празник, како и организирањето на прославата за Денот на полицијата во Скопје.

-Организирањето на овие настани во услови на пандемија значи свесно кршење на забраните за јавни собири, и е резултат на крајно неодговорни одлуки кои се закануваат да ги доведат во ризик и прашање сите ефекти и резултати што беа постигнати во спречувањето на ширењето на коронавирусот.

Струга и поширокото подрачје во тој регион беа зони на нагласено присуство на закани од пошироки размери од коронавирусот и беа вложени натчовечки и исклучителни напори и мерки на здравствените работници, на полицијата, на Армијата и на сите останати вклучени во спречувањето на ширењето на вирусот и тоа даде резултати.

Сега, после вчерашниот настан, имаме ситуација која може да предизвика сериозни последици заради неодговорното однесување кое повторно го подигна степенот на ризик по јавното здравје и здравјето на граѓаните во општината и во тој регион.

Владата ги повикува Министерството за внатрешни работи и обвинителството итно да лоцираат конкретна одговорност во рамки на сите институции и чинители кои имале каков било удел во организирањето или неспречувањето на овие настани. Владата го повикува министерот Чулев да престане со чекорите со кои го загрозува јавното здравје и да преземе одговорност.

Владата имаше коректна комуникација и соработка со верските заедници во текот на справувањето со коронавирусот, при што беше постигната согласност дека здравјето на граѓаните во овој период е врвен приоритет и дека сите настани од верските календари треба да бидат прилагодени на вонредната состојба, односно дека не треба да се одржуваат заради преголемиот ризик. Очекуваме и бараме, и од МПЦ и од ИВЗ, да не преземаат никакви следни чекори по однос на организација на какви било собири од верски карактер, се додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила.

Воедно, укажуваме на сите надлежни и одговорни лица во земјата кои од било каква причина би се осмелиле да организираат слични настани, дека ваквите дејствија можат да значат ширење на епидемијата за што се одговара согласно Уставот и законите.

Владата на својата денешна итна седница ќе ги разгледа можните последици од настанот во Струга и согласно препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат соодветни мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга и на регионот и за можното прелевање на ризиците и во други делови на земјата.

Во меѓувреме, ги повикуваме сите граѓани, институции и организации да се придржуваат до мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и со воздружување и одговорно однесување да ги подржиме натчовечките напори на здравствените работници да ја стабилизираат состојбата и да го означат почетокот на новата нормална состојба во земјата, стои во реакцијата на Владата.