Владата ги осуди нападите врз новинарката Тања Милевска, МВР и ЈО итно да ги расчистат бруталните закани


Фото: Б. Грданоски

Владата  денес најостро ги осуди нападите со говор на омраза врз новинарката Тања Милевска и врз кој било друг новинар и граѓанин воопшто.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата цврсто стои зад слободата на говор и слободното новинарство и има нула толеранција за заплашување и закани кон новинарите.

-Безбедно известување и слобода на мисла, говор и делување во медиумите е наша суштинска, сегашна и долгорочна заложба, на која посветено работиме. Родово базираното насилство е друг, но подеднакво важен општествен проблем на кој сите заеднички и солидарно треба да му се спротивставиме и со кој ќе се избориме, наведува Владата во соопштение.

Владата ги повика МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката.

Претходно денеска и Европската комисија изрази остра осуда по повод вербалните напади и говорот на омраза на социјалните медиуми кон дописничката на МИА од Брисел Тања Милевска.

-Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување, реагира ЕК.

Претходно Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до дописничката на МИА од Брисел, Милевска.

-Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат, наведоа ЗНМ, ССНМ и СЕММ.