Владата е стабилна, тврди премиерот Ковачевски

Владината коалиција има 65 пратеници. некои од партиите имаат поинакци ставови за одредени прашања, но нема разидување околу генералниот курс, оценува премиерот


 

По различните гласања околу договорите со „Бехтел и Енка“ на коалициски партнери и најавата на Достоинство дека може да излезе од Владата, премиерот Димитар Ковачевски денаска уберуваше дека кабинетот е стабилен. И дека има поддршка од 65 пратеници во Собранието.

„Нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, но на главните политички правци во владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел“, рече Ковачевски пред почетокот на првата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“ на тема „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.

„Партијата ДОМ имаше изјава во однос  на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ е првата партија која тој  модел го стави во својата програма и која кажа дека се застапува за него. Од тоа не сме отстапиле и затоа е формирана комисија за ревидирање на изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за едена изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на  застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност“, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на трибината што се одржува во скопското кино „Милениум“.

Тој додаде дека ВМРО НП уште од почетокот има конзистентен став во однос на одредени  други закони, но тоа никако не влијае на генералните правци на Владата.

Во однос на Достоинство рече дека има исклучителна почит за нивниот претседател Стојанче Ангелов и за членовите на партијата. „Ќе разговараме и во однос на законските решенија што ги предлагаат и нивната усогласеност со другите. Секогаш може да се изнајде заедничко решение“, нагласи Ковачевски.