Владата досега нема одземено ингеренции на ниедна општина во областа на управувањето со отпадот


 

Владата информира дека досега не ги одзела ингеренциите за управување со отпадот на ниту една општина во земјата. Надлежноста и обврските за собирање, селектирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, како и одржување на нестандардните локации за отстранување на отпадот се на единиците на локалната самоуправа, односно општините.

Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата на РСМ да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно. Донесувањето на „Одлука за давање согласност“ од страна на сoветот на општината никако не значи одземање на ингеренциите за управување со отпадот, туку се однесува на одлуката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот, односно регионалната депонија и придружна инфраструктура.

МЖСПП и Владата досега се ангажираа да помогнат во воспоставувањето на системите во сите плански региони преку изнаоѓање на финансиски средства, чие оперирање понатаму сепак ќе биде обврска на општините, здружени преку Меѓуопштински Одбор за управување со отпад и Јавно регионално претпријатие.

За источниот и североиосточниот регион се обезбедени средства преку ИПА 2 програмата. За Југозападниот, Пелагонскиот, Вардарскиот и Југоисточен регион се планираат средства преку ЕБРД, а за полошкиот плански регион се добиени средства од Швајцарската Влада.

Што се однесува до полошкиот регион, беа обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина. Во согласност со планот, МЖСПП блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO) за инвестирање на 8 милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад –регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на 2 трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од 1 милион евра.

До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е се уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар. Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со минимални технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично.

Инаку, депонијата кај Русино е актуелна деновиве, откако екоактивисти кои ја следат сосотојбата организираа протест, а потоа депонијата беше запалена.

Владимир Наумоски од иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ оваа постапка ја доживува како порака од несовесните. Тој е убеден дека палењето на депонијата е реванш за протестот кој се организираше синоќа

Граѓанската инцијатива ги покани гостиварци да учествуваат во дефиле со автомобили за да го истакнат проблемот со Русино.

– Русино гори, капацитет нема иако надлежните ќе го кажат спротивното. Локацијата е несоодветна и придонесува за загадување на воздухот. Русино е тивок убиец и го загадува целиот гостиварски регион. Здравјето ни е загрозено, животната средина уништена. Бараме да се затвори депонијата и еднаш засекогаш овој проблем да се реши, рече Анастасија Дуковска од иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ пред почетокот на протестот

Од пред година ипол заради проблемите со депонијата и преку странски фондации беше најдено решение да се формира заедничко претпријатие на девет општини. Депонирањето и собирањето на комуналниот смет влезе во проект што го финансира швајцарската агенција за развој. Од полошкиот плански регион потврдија дека се доцни со постапката на формирањето на претпријието кое ќе управува со отпадот.