Владата донесе решение за формирање на Комисија која треба да ја спроведе постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија


Фото: Б. Грданоски

Владата денеска донесе решение за формирање на Комисија за спроведување на постапка за избор на универзален снабдувач на електрична енергија. 

Комисијата, како што стои во соопштението од владината прес-служба, треба да ја спроведе целокупната постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија по пат на јавен повик, односно да го подготви јавниот повик, тендерската документација, вклучувајќи го и нацртот на договорот и да изврши евалуација и изготви извештај за евалуација на понудите. Комисијата ќе треба да достави до Владата предлог за избор на најповолен понудувач или предлог за поништување на постапка.

– Изборот на универзален снабдувач е во согласност со Законот за енергетика, заради остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи поврзани на електроенергетскиот систем на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, велат од Владата.