Владата донела одлука за задолжување со нови 1,3 милијарди евра, вели Филипче


Фото: Б. Грданоски

 

За само две години Владата на Христијан Мицкоски ќе направи вкупно 4 милијарди евра ново задолжување, што е околу 40 отсто од вкупното претходно задолжување на државата, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој рече дека според информациите што ги има СДСМ, на вчерашната владина седница била усвоена потреба за ново задолжување од дополнителни 1,3 милијарди евра.

„Според нашите информации, на вчерашната седница на Владата е усвоена потреба за ново задолжување на земјата. И тоа за 1,3 милијарда евра. Тоа се дополнителни пари на оние 2,5 милијарди евра, со кои што го зголемија долгот на државата во изминатите две години, пари кои што ќе ги враќаме сите ние поради нивните лоши економски политики“, рече Филипче.

Тој предупреди дека со ова задолжување, вкупниот нов долг направен за само две години ќе достигне 4 милијарди евра.

Филипче посочи дека граѓаните ќе бидат тие што ќе треба да ги враќаат долговите, додека животниот стандард паѓа, трошоците растат, а младите ја напуштаат државата.

„И нормално дека луѓето ќе си се иселуваат, нормално дека ќе вадат бугарски пасоши, нормално дека нема да ја гледаат иднината и својата и на своите деца овде кај нас“, рече Филипче.

Тој рече дека потрошувачката кошничка за година и половина пораснала за близу 10.000 денари, од 60.000 на речиси 70.000 денари, а со кирија или станбен кредит трошоците на едно семејство достигнуваат близу 90.000 денари.

„Оваа власт не сакаше минималната плата да ја зголеми на 600 евра. И затоа сакам да најавам дека повторно во Собранието ќе го поднесеме Законот за зголемување на минималната плата“, рече Филипче.

Наместо нови милијарди евра долгови, на Македонија ѝ се потребни добри економски политики, повисоки плати, реформи и европска перспектива, порача Филипче.

„Напредок на земјата се добри економски политики, мерки за граѓаните, зголемување на платите, зголемување на минималната плата, мерки за граѓаните кога има криза, како сега што има со горивата поради војната во Блискиот Исток, добри пензии, не да ги крадат пензиите, солидарното зголемување, понатаму реформи на системот и Европа. Нема друга формула за успех. Сè друго е само еден спин во бизнис интерес на власта и на никој друг“, порача Венко Филипче.