Владата доби двајца нови министри и тројца заменици


Владата доби двајца нови министри – за финансии и за  подобрување на инвестициската клима, и тројца заменици во ресорите економија, образование и наука и во Министетрството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Премиерот Зоран Заев верува дека новите решенија ќе донесат дополнителен импулс во ресорите во кои се избрани, но и воопшто во создавање подобро општество и задоволни граѓани. Опозицијата, пак, смета дека честите измени во владата се показател за лоша политика, но и немање соодветен кадар.

-Убеден сум дека кандидатите за нови министри во делот на финансиите и подобрувањето на инвестициската клима ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, посебно во овој неповторлив, драгоцен период за земјата која очекува интегрирање во ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев, образложувајќи пред пратениците зошто ги предложил Нина Ангеловска и Хисен Џамаили за овие позиции.

Теоретски лажен популизам, во пракса лоша хазардерска политика, вака пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија новите предлози на Владата за министри во ресорите финансии и подобрување на инвестициската клима.

Според ВМРО-ДПМНЕ, лапсус на Заев е предлогот Нина Ангеловска да биде министер за финансии зашто таа на своите вработени, како што објавиле некои медиуми, им дава плата од 12.500 денари и тоа „на рака“, додека таа за себе земала 70.000 – 80.000.

Образложувајќи ги предлозите за избор на заменици министри – Кирил Колемишевски за економија,  Елизабета Наумовска за образование и наука и Неџад Мехмедовиќ за заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, премиерот Заев рече дека станува збор за луѓе кои се образовани и со големо практично истуство, кои имаат голема желба и љубов од позиција на заменик-министер во соодветен ресор да помогнат во унапредување на состојбите во ресорите за кои се предлагаат, во услови кога во државата работите се придвижуваат напред.

Опозициските пратеници немаа забелешки за биографиите на предложените за заменици, но сметаат дека го немаат потребното искуство за ресорите во кои ќе бидат одговорни. Не ги критикуваа персоналните решенија, но беа остри во критиките за секторите во кои се назначуваат – образование и економија.