Владата денеска ќе расправа за брзите автобуси во Скопје


Владата на Северна Македонија ќе ја одржи редовната 21-ва седница, што ќе се одвива преку видеоконференциска интернет комуникација, соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста. На седницата меѓу другото ќе се расправа за задолжување кај ЕБОР за проектот брз автобуски превоз во Скопје.
– На предлог на Министерството за финансии, Владата на дневен ред за разгледување ги има и Предлогот на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, како и Предлог – одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година (120.000.000 денари на Град Скопје, како неповратна финансиска помош за реконструкција на Универзална сала-Скопје).
Исто така, на дневен ред е и предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи, како и повеќе предлог-закони предложени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се вели во соопштението.