Владата демантира: Законот за заштита од пушење не се одложува

Фазната имплементација на законот не значи и негово одложување. Тоа се однесува само на почетниот период


 

Владата демантира дека фазната примена значи одложување на имплементацијата на Законот за заштита од пушење, како што шпекулираа медиумите викендов.

„Министерството за здравство останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.

Во моментот се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.

Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.

Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок.

Министерството останува отворено за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот“, соопштуваат од Владата.

Минатата недела во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, рече дека разговорите со сите засегнати страни сè уште траат и дека законот ќе биде дополнително доработен пред да стапи во сила.

„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата одлучивме да одиме со помека примена на законот. На почеток ќе има опомени и едукација, што е дел од фазата на усогласување. Дали ова ќе трае три, шест или осум месеци, во овој момент не можеме прецизно да кажеме“, изјави Грбчевски. Ова во дел од јавноста беше сфатено како одложување на примената на законот.

Угостителите го поддржуваат донесувањето на законот, но бараат подолг преоден период. Според нив, потребни се најмалку три години постепена имплементација пред да започне казнувањето, со цел да се избегнат негативни последици врз бизнисот.

Тие предупредуваат дека брзата примена на законот може да доведе до затворање на угостителски објекти и отпуштање на работници, нагласувајќи дека предложеното решение е едно од најригорозните и е изработено по пример на земји како Шпанија и Словенија, каде процентот на пушачи е значително понизок. Според нивните проценки, во Македонија пушачи се меѓу 60 и 65 проценти од населението, што ја прави примената посложена.