Владата да го реорганизира системот за одговор при криза, а на „Национални шуми“ 15 тони гориво од резервите


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

Да се реорганизира системот за управување со кризи, како и да се обзбедат 15 тони гориво за „национални шуми, се двете главни одлуки кои беа донесени на денешниот состанок на управвувачкиот комитет за координација и управување со ситемот за управување со кризи.

– Ѝ Препорачуваме на Владата под итно да донесе одлука која ќе биде насочена во насока на реорганизација на целокупниот систем којшто всушност и не постои за да се справи соодветно на секоја криза којашто би настанала во Македонија. Факт е дека и ЦУК и сите останати капацитети делуваат во рамки на оние услови коишто сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и особено ненаврмено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем којшто е руиниран и којшто сакаме да биде онака како што треба да биде, повторно не нѐ снајде истото кое нѐ снајде оваа година.
Втората одлука се однесува токму на навремено и соодветно реагирање од страна на ЈП „Национални шуми“ коешто знаете дека е во катастрофална состојба и тоа во насока на обезбедување 15 тони гориво од резервите кои ги има државата за да можат да помогнат во настанатата состојба со пожарите – рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по состанокот.

Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи состаночеше утрово, каде беше разгледана кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата.

Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа членовите, Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски – министер за одбрана и Арбен Таравари – министер за здравство како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности – Стојанче Ангелов.

На седницата  присуствува и Цветан Трипуновски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство како и Здравко Трајанов – директор на ЈП „Национални шуми“.

– Потребна ни е длабока реформа на целиот систем на Центарот за управување со кризи за да се гаснат пожарите побргу и поефикасно – рече директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Вчера, имало вкупно 27 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, утрово, се активни седум пожари. Изгаснати се 16, а под целосна контрола се ставени четири од нив“.

Во овој момент, како што вели Ангелов, најактивен, најсериозен пожар и најтежок за гаснење е тој во Македонски Брод, кој се движи во близина на Јасен, односно кон селото Брезница. Овде е упатен еден полициски хеликоптер, а набргу треба да пристигнат и двата „ер трактора“.

На планината Серта најголемиот дел од она што е изгорено, повеќе од 90 проценти, е трева, грмушки, нискостеблести растенија и во мал процент борова зимзелена шума.

– Тие растат покрај самиот пат. Економската штета од планината Серта може не е голема, тука е поголема штетата од економските ресурси што ги ангажиравме – додаде Ангелов.

Во моментот нема потреба од странска помош, а се надева дека со најавените дождови за денеска од УХМР, состојбата ќе се стабилизира.