Влада: Училиштата да ги одложат екскурзиите во Италија


Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

Истовремено, како што се вели во соопштението од денешната седница на Владата, влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија се ограничува само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Ова се дел од заклучоците за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните, а врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со корона вирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Министерството за здравство итно треба да набави заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот, како и сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Министерството за здравство ќе формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Меѓу заклучоците од 11. седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките, се вели во соопштението.