Влада: При изведбата на македонската химна беше направена ненамерна грешка


Фото: Б. Грданоски

Во врска со интонирањето на македонската химна вчера во Американската амбасада во Скопје од страна на Тамара Тодевска во која беа изоставени стиховите во кои се споменуваат имињата на Гоце Делчев, Питу Гули и Јане Сандански од Владата со реакција дека станува збор за ненамерна грешка.


„Владата го честита националниот празник Ден на независноста на САД и на американскиот народ. Убавите манифестации кои Амбасадата на САД по овој повод ги организира секоја година се одлична можност за оддавање меѓусебна почит и за продлабочување на соработките меѓу двете земји и народите на двете земји. Владата доби известување од Амбасадата на САД и од изведувачката на химната Тамара Тодевска дека станува збор за ненамерна грешка при изведување на химната, како и уверувања за највисоко ниво на почит кон македонските традиција и херои“, се наведува во реакцијата од Владата.

Од Владата се децидни дека и покрај потпишувањето на Договорот од Преспа со Грција и оној за добрососедски односи со Бугарија промена на химната нема да има.

Ова е втор пат македонската химна , при официјално изведување да ја бранува јавноста. Имено, при посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас беше прескокнато интонирањето на државните химни на платото пред Владата. И тогаш имаше шпекулации дека тоа е заради тектот на химната, но од Владата објаснија дека поради доцнење на агендата немало време за интонирање на химните.